
Француската инфлација забави на најниско ниво во повеќе од една година, што е дополнителен показател дека Европската централна банка напредува во својата битка да го намали притисокот врз цените со зголемување на каматните стапки.
Мерката за годишните промени на потрошувачките цени во Франција изнесуваше 5,3 отсто во јуни, по шест отсто во мај, објави статистичката агенција Insee, пренесе Блумберг. Ова е нешто пониско од прогнозата на економистите од 5,4 отсто за инфлацијата во јуни во Франција.
Италија, Белгија и Холандија забележаа забавување на инфлацијата овој месец, како и Шпанија, каде што инфлацијата падна под целта од два отсто. Извештајот за еврозоната подоцна во петок се очекува да покаже севкупно слабеење на цените во монетарната унија.
Сепак, растот на потрошувачките цени во Германија (6,8 отсто) забрза овој месец, а мерките на ЕЦБ за ограничување на инфлацијата се очекува да продолжат. Претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард најави продолжување на зголемувањето на каматните стапки во јуни.
Во своите прелиминарни податоци за инфлацијата, Франција не ги известува таканаречените податоци за базичната инфлација, што ги исклучува цените на енергијата и храната. Според податоците објавени од Insee, цените на услугите пораснале за 2,9 отсто на годишна основа, што претставува забавување втор месец по ред, додека инфлацијата на индустриските производи забрза на 4,3 отсто.











