НБ: Банкарскиот систем останува здрав и стабилен, а мерките на Народната банка придонесуваат за дополнително зголемување на неговата отпорност

36

Советот на Народната банка на истата седница го разгледа и го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2023 година. Во Извештајот се оценува дека банкарскиот сектор е стабилен и соодветно се справува со тековните предизвици, при што окружувањето и натаму е неизвесно како резултат на глобалните фактори и проследено со сѐ уште високи, иако намалени, стапки на инфлација и затегнување на финансиските услови.

Заклучно со крајот на првиот квартал од оваа година, депозитите од домаќинствата и корпоративниот сектор на годишна основа забележаа забрзан раст, додека растот на кредитите беше помал Во услови на задржана доверба во банкарскиот систем, депозитите забележаа забрзан годишен раст до нивото од 7,8%, a oсобено карактеристични се поволните поместувања кај долгорочните депозити, коишто по подолгиот период на намалување, во првиот квартал забележаа раст на годишна основа. При извесно затегнување на финансиските услови, годишниот раст на кредитирањето забави и изнесуваше 6,4%.

Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување. Стапката на адекватност на капиталот забележа квартално зголемување за 0,3 п.п., достигнувајќи го највисокото ниво во последните шеснаесетина години, од 18%. Подобрата солвентност најмногу е резултат на реинвестирањето на добивките од минатата година. Безмалку една третина од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓа на заштитните слоеви на капиталот или се „слободни” над потребното минимално ниво, коишто банките може да ги користат за справување со различни предизвици при надолните движењаи од економските циклуси и во кризни услови. Добивката на домашниот банкарски систем се зголеми, додека периодот на посилен раст на приходите на банките се искористи за јакнење на капацитетот за справување со евентуални идни кредитни загуби.

Показателите за ликвидноста се на задоволително ниво. Стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем е на значително повисоко ниво од регулаторниот минимум и го потврдува задоволителниот обем на ликвидност со кој располага македонскиот банкарски систем. Резултатите од стрес-тестовите упатуваат на задоволителна отпорност на банкарскиот систем на претпоставените екстремни, поединечни и комбинирани ликвидносни одливи.

Квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа. Вкупните нефункционални кредити продолжија да се намалуваат, со што и нивното учество во вкупните кредити се намали за 0,1 п.п., до ново историски најниско ниво од 2,8%. Сепак, неизвесното окружување, заедно со постепеното затегнување на финансиските услови, наметнува потреба банките и натаму внимателно да го следат кредитниот ризик.

Со цел понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор, на својата редовна седница Советот на Народната банка донесе макропрудентна мерка за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на домашните банки за 0,25 процентни поени, од претходно утврдените 0,75% на 1%, со почеток на примена од 1 јули 2024 година. Зголемувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот има за цел да делува превентивно и да води кон натамошно зајакнување на капиталната позиција на банките, земајќи ги предвид тековните макроекономски услови и движењата на пазарот на недвижности. Оваа мерка е во согласност со мерките што се преземаат во поголем број земји во Европската Унија со кои се бара повисока адекватност на капиталот на банките како заштита од можните ризици од окружувањето.