Европската комисија склучи договори со четири производители на вакцини за идни епидемии

Европската комисија објави дека потпишала договори со четири производители на вакцини за резервирање на капацитетот за производство на вакцини во случај на идни епидемии, како што е пандемијата на Ковид.

Склучени се договори со американскиот фармацевтски гигант Pfizer, шпанските производители на вакцини HIPRA и CZ и холандската компанија Bilthoven Biological, а се предвидува закуп на капацитет за годишно производство од 325 милиони дози, по цена од 160 милиони евра годишно, пренесува Политико.

Договорот вклучува голем број различни видови вакцини: mRNA вакцини, кои првпат беа воведени за време на пандемијата на Ковид, како и вирусни вектори и вакцини базирани на протеини. Договорот е од отворен тип и се однесува на сите заразни болести од кои штитат вакцините.

Европската унија е подготвена да покаже дека научила лекција од последната пандемија, кога Ковидот брзо се рашири низ Европската Унија, поради што нејзините членки беа принудени да го контролираат ширењето на вирусот со строги рестриктивни мерки.

Целта на овој договор е да се спречи ваквото сценарио да се повтори, доколку Европската унија повторно се соочи со слична епидемија.

Според условите на договорот, ЕУ плаќа за капацитетот за производство на вакцини на фармацевтските компании, кои се обврзуваат да обезбедат одреден број дози, под услов да развијат соодветна вакцина за болеста што ќе биде прогласена за епидемија.

Тоа значи дека Европската комисија ќе им плаќа на фармацевтските компании надоместок за неискористување на капацитетот, за да го имаат на располагање во случај на потреба.

Европската унија веќе има слични договори за резервирање капацитет за вакцини против птичји грип со GlaxoSmithKline и Sekirus, бидејќи експертите ја гледаат болеста како главен кандидат за следната пандемија.