
Европската унија (ЕУ) и Нов Зеланд потпишаа договор за слободна трговија што, според Брисел, треба да доведе до зголемување на билатералната трговија за 30 отсто во рок од една деценија.
Осврнувајќи се на договорот постигнат во јуни 2022 година по четири години тешки преговори, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го поздрави „амбициозниот“ и „многу избалансиран“ текст на документот, пренесува Бета.
„Нов Зеланд е клучен партнер за нас во индо-пацифичкиот регион и овој договор за слободна трговија ќе не зближи уште повеќе“, додаде таа.
ЕУ е трет најголем трговски партнер на Нов Зеланд, кој извезува вино, овошје и месо во Европа, меѓу другото. Билатералната трговија со стоки меѓу двете страни изнесуваше нешто повеќе од девет милијарди евра во 2022 година.
Според Брисел, извозот на ЕУ во Пацифичкиот архипелаг би можел да се зголеми на 4,5 милијарди евра годишно. Инвестициите на ЕУ во Нов Зеланд би можеле да се зголемат до 80 отсто.
За да стапи во сила, договорот треба да биде одобрен од Европскиот парламент и ратификуван од Парламентот на Нов Зеланд.











