
Глобалниот јавен долг се зголеми на рекордни 92 трилиони долари во 2022 година, бидејќи владите позајмуваат повеќе за да ги ублажат ефектите од низата кризи, утврдија Обединетите нации во својот најнов извештај.
Од почетокот на векот, домашниот и надворешниот долг ширум светот се зголеми за повеќе од пет пати во последните две децении, а бруто домашниот производ само три пати, се вели во извештајот на ОН објавен пред состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на групата Г20. „Изгледа дека тоа не е проблем за пазарите, но е за луѓето“, им рече на новинарите генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
„Некои од најсиромашните земји во светот се принудени да избираат помеѓу сервисирање на долгот и служење на луѓето“, додаде тој. Податоците покажуваат дека 3,3 милијарди луѓе денес живеат во земји кои треба да трошат повеќе пари за камати отколку за здравство и образование, предупредија ОН.











