Зголемениот извоз го намали трговскиот дефицит

28

Во надворешно-трговска размена, во првите осум месеци од годината Република Македонија го намалила дефицитот за 66,6 милиони долари во однос на истиот период лани, што се должи порастот на извозот.

Според податоците што Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари-август 2013 година, изнесува близу 2,73 милијарди долари, што е за 146,4 милиони долари повеќе во однос на истиот период од минатата година.

Вкупната вредност на увозот достигнала 4,25 милијарди долари, што е за 79,8 милиони долари повеќе во однос на лани. Покриеноста на увозот со извоз изнесува 64,1%, додека во периодот  јануари-август 2012 година изнесувала 61,8%.

Трговскиот дефицит изнесува 1,52 милијарди долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта.

Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и моторните возила за превоз на лица.

Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија (49,9% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).