Британската влада инвестира во подморници

50

Британскиот министер за одбрана Филип Хамонд објави дека ќе потроши дополнителни 350 милиони фунти за развој на нуклеарни подморници од новата генерација, отфрлувајќи ги така заканите на шкотските националисти дека британската поморска база ќе ја преместат од Шкотска.

Сумата од 350 милиони фунти е предвидена за развој на подморници од типот Successor, кои до 2028 година би требало да ги заменат постоечките подморници Vanguard.

Хамонд во Шкотска ја посети базата на нуклеарни подморници кои носат боеви глави од типот Trident и ја предизвика Шкотската национална партија (SNP) што ја предводи владата, да објасни како преместувањето на базата ќе влијае врз економијата на таа земја.

SNP вети дека ќе ја премести базата ако во 2014 година успее референдумот за независност, иако анкетите покажуваат дека мнозинството Шкоти не се за отцепување од Велика Британија.