
Инфлацијата во многу делови на светот годинава ќе биде послаба отколку што се стравуваше, објави минхенскиот економски институт Ifo, повикувајќи се на глобално истражување на повеќе од 1.400 економисти од 133 земји, пренесува dpa.
И покрај ова, инфлаторните очекувања до крајот на 2026 година остануваат далеку над повеќегодишниот просек до пандемијата. „Мораме да се подготвиме за силна инфлација“, вели истражувачот на Ifo, Никлас Потрафке.
Истражувањето укажува на драматична разлика во очекувањата по светски региони. Прогнозата е најповолна во Северна Америка, со 4,5 отсто, потоа во Југоисточна Азија со 4,8, Западна Европа со 4,9 и Источна Азија, вклучително и Кина, со 5,0 отсто.
Од претходното истражување три месеци претходно, економистите од тие региони ги ревидираа овогодинешните очекувања надолу за 0,3-0,5 процентни поени.
Во Европската унија се очекуваат 7,5 отсто, а Германија со очекувани 5,8 отсто е над западноевропскиот просек. Одредени членки, како Унгарија, очекуваат значително повисока стапка и оваа година.
Економистите очекуваат најсилна инфлација оваа година во Источна Африка од 110 отсто, а потоа и на северот на континентот од 64 отсто. Тоа е околу триесет процентни поени повеќе од пред три месеци.
Од друга страна, инфлацијата се намалува во Јужна Америка и очекувањата практично се преполовени на 23 отсто.
На подолг рок, економистите очекуваат олеснување речиси насекаде – исклучоци се Источна Азија со Кина и Централна Азија.
Во 2024 и 2026 година, Западна Европа очекува стапка на инфлација од 3,4 и 2,6 отсто, Северна Америка 3,5 и 2,7 отсто. Во ЕУ инфлацијата ќе биде малку повисока отколку во Западна Европа, 4,8 отсто оваа година и 3,3 отсто во 2026 година.
Прогнозите се најнеповолни и на долг рок во Африка, 29 и 17,6 отсто на северот и во централниот дел на континентот.
Ifo предвидува глобална стапка на инфлација од седум проценти оваа година, шест проценти следната година и 4,9 проценти во 2026 година.











