Лукаревска: Со данокот на солидарност се очекува околу 77 милиони евра да се влеат во буџетот

97

Околу 200 компании би требало да бидат опфатени со данокот на солидарност, соопшти директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, а проценките се врз основа на евиденциските анализи што ги има направено УЈП согласно даночните биланси што ги имаат доставено компаниите во Управата.

-Зборуваме за споредбени податоци, 2022, 2021 итн. Очекувањата се дека околу 76-77 милиони евра би се влеале во Буџетот преку овој еднократен данок на солидарност, рече директорката на УЈП, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата посветена на постигнатиот договор за зголемување на платите на вработените во Управата.

Во однос на дејностите на компаниите кои ќе бидат опфатени со солидарниот данок и дали се тие поврзани само со енергетиката и оние кои оствариле големи приходи во време на енергетската криза, таа одговори дека се работи за подолг период.

-Независно, тука имаме споредбен период кој е малку подолг од енергетската криза во рамки на податоците, рече Лукаревска.