
Најголеми странски инвеститори во Црна Гора за периодот јануари-мај годинава се руските државјани кои инвестирале 52,5 милиони евра. Тие инвестирале 28,9 милиони евра во купување недвижен имот, 12,3 милиони евра во фирми и банки во Црна Гора и 13,2 милиони евра во меѓукомпаниски заеми на нивните фирми во Црна Гора.
Ова го покажуваат новите податоци на Централната банка за странските директни инвестиции.
Со ова се потврдува дека без оглед на нарушените дипломатски односи меѓу Црна Гора и Русија, поради украинската криза и воведувањето санкции против Русија, руските граѓани сепак во голем број доаѓаат во Црна Гора и го носат својот капитал за инвестирање. Дека е тоа така, покажува и податокот дека Црна Гора за периодот јануари-јуни годинава на странци издала 21,5 илјади работни дозволи, од кои 7.412 или 34,3 отсто од вкупниот број се однесуваат на државјани на Русија.
Инвеститорите од Русија имаат многу мал одлив на инвестиции од Црна Гора, за разлика од другите. Од вложените 52,5 милиони евра, руските граѓани за овие пет месеци повлекле 11 милиони евра од Црна Гора, најмногу преку продажба на недвижен имот за шест милиони.
на второ место се граѓаните и фирмите од Србија кои вложиле 48 милиони евра, од кои најмногу 26,1 милиони евра се за купување на недвижен имот, 10,5 милиони евра кредити на нивните фирми во Црна Гора и 8,2 милиони евра инвестиции во фирми и банки регистрирани во Црна Гора. Инвеститорите од оваа соседна земја во истиот период од Црна Гора повлекле 25,3 милиони евра, од кои најмногу 12,4 милиони евра преку продажба на недвижен имот.
На третото место се инвеститорите од Швајцарија, кои во последните пет месеци инвестирале 39 милиони евра во Црна Гора. Најмногу инвестирале преку кредити на нивните компании во износ од 27,2 милиони евра, директните инвестиции во фирми и банки биле 6,6 милиони, а во купување недвижен имот 5,1 милиони евра. Инвеститорите од оваа земја во истиот период од Црна Гора повлекле 17,7 милиони евра, од кои најмногу 10,5 милиони преку продажба и намалување на акциите во фирми и банки регистрирани во Црна Гора, пренесува Банкар.ме.











