Повисоките цени на какаото и шеќерот предизвикаа значително зголемување на цената на чоколадото и слатките, јавуваат холандските медиуми.
Како што се наближува крајот на летото, производителите почнуваат да складираат слатки кои традиционално се продаваат за холандскиот народен празник Синтерклаас на почетокот на декември. Потрошувачите може да очекуваат да платат многу повеќе за овие задоволства оваа година поради големите поскапувања на какаото и шеќерот, пренесува холандски NOS.
Производителот на чоколади Дросте најави дека чоколадните букви годинава ќе поскапат за 10 до 15 отсто. Вклучувајќи ги минатогодишните поскапувања, потрошувачите сега ќе плаќаат и до 30 отсто повеќе отколку во периодот пред конфликтот меѓу Русија и Украина, кој предизвика огромна инфлација, според NOS.
„Тоа е едноставно неопходно“, рече комерцијалниот директор на Дросте, Бернард Брумелард.
„Ние плаќаме 50 отсто повеќе за какаото, нашата главна суровина, а 25 отсто повеќе за шеќерот“, објасни тој. Згора на тоа, компанијата се соочува со повисоки трошоци за енергија, пакување, испорака и работна сила, исто како и сите други.