
Американската централна банка (ФЕД) е подготвена дополнително да ги зголеми каматните стапки во борбата против високата инфлација, изјави претседателот на ФЕД Џером Пауел на годишниот состанок на лидерите на централните банки во туристичкиот центар Џексон Хол.
Иако инфлацијата во САД малку се намали, според Пауел, таа сè уште е превисока.
„Доколку е потребно, подготвени сме да продолжиме со зголемување на каматните стапки. Имаме намера да ја задржиме монетарната политика на рестриктивно ниво додека не бидеме сигурни дека инфлацијата одржливо се приближува до нашата цел“, рече Пауел на состанокот во Вајоминг, пренесе француската новинска агенција АФП.
ФЕД таргетира годишна инфлација од 2%, но и покрај маратонската политика на зголемување на каматните стапки, таа сè уште не е падната на тоа ниво. Инфлацијата во САД повторно порасна во јули, ставајќи крај на серијата забавувања. Потрошувачките цени во јули пораснале за 3,2 отсто на годишна основа.
Базичната инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата и за која централните банки веруваат дека е подобар показател за инфлациските притисоци во економијата, беше 4,7 отсто во јули во САД.
Со оглед на големите зголемувања на каматните стапки во текот на изминатата година, ФЕД е во позиција да биде внимателен кога ги разгледува идните активности, рече Пауел.











