Apple започна со продажба на iPhone-и произведени во Индија

Американскиот технолошки гигант Apple за прв пат започна со продажба на своите iPhone-и произведени во индиски фабрики, беше објавено на претставувањето на новиот модел на паметниот телефон во саботата во Њу Делхи.
Одреден број модели на iPhone 15 и iPhone 15 Plus од индиско производство се во продажба од петокот во неколку земји, вклучувајќи ја и самата Индија, потврдија извори од компанијата за dpa.

Повеќето производи на Apple сè уште се произведуваат во Кина. Сепак, според неодамнешните извештаи, со оглед на геополитичките тензии Apple сака да вклучи и други земји во своите синџири на снабдување, со фокус на Индија и Виетнам.

Пошироката дистрибуција на производството е поврзана и со војната на Русија против Украина и пандемијата на Ковид-19, бидејќи овие настани ја изложија големата зависност на синџирите на снабдување од меѓународните околности.

Индија, која обезбедува владини стимулации за производство на паметни телефони, со своите 1,4 милијарди жители е атрактивен пазар во развој. Релативно скапите iPhone телефони, сепак, сè уште заземаат мал дел од продажбата на паметни телефони во таа земја.

Оваа година Apple за прв пат ги отвори своите официјални продавници во Индија.