
На Волстрит цените на акциите нагло паднаа, спуштајќи се на најниско ниво од почетокот на јуни, бидејќи новите економски податоци ги зголемија стравувањата дека ФЕД уште еднаш ќе ги зголеми каматните стапки до крајот на годината.
Dow Jones се лизна за 1,29 отсто, на 33.002 поени, додека S&P 500 потона за 1,37 отсто, на 4.229 поени, а индексот Nasdaq за 1,87 отсто, на 13.059 поени. Падот на S&P 500 на најниско ниво од 1 јуни и на Dow Jones и Nasdaq од крајот на мај, следеше по извештајот кој покажа дека отворените работни места во САД силно се зголемија во август, многу повеќе отколку што очекуваа аналитичарите.
Ова покажува дека пазарот на трудот е сè уште силен, што би можело да го поддржи растот на платите, а со тоа и потрошувачката и инфлацијата. Ова ги зголеми стравувањата дека ФЕД повторно ќе ги зголеми клучните каматни стапки до крајот на годината и ќе ги задржи на повисоки нивоа подолго од очекуваното. Како резултат на тоа, приносите на американските 10-годишни државни обврзници вчера достигнаа нови највисоки нивоа во последните 16 години, додека цените на акциите нагло паднаа.
“До неодамна, повеќето инвеститори замислуваа дека ФЕД наскоро ќе мора да ги намали каматните стапки и дека ќе се вратиме во средина со поволни каматни стапки. Но, сега најверојатното сценарио е поинакво сценарио – повисоки каматни стапки и на подолг период “, објасни Рик Меклер, партнер во Cherry Lane Investments.
Рафаел Бостиќ, претседател на филијалата на Банката на федерални резерви во Атланта, рече дека централната банка не мора нужно повторно да ги зголемува каматните стапки, но веројатно ќе помине долго време пред да почне да ги намалува. Лорета Местер, претседателка на филијалата на ФЕД во Кливленд, рече дека е отворена за уште едно зголемување на каматните стапки, можеби веќе на следната седница на ФЕД.











