Црногорското министерство за земјоделие и рурален развој привремено забрани увоз на сокови на поедини произведувачи од Србија, Босна и Херцеговина и Косово, затоа што во пропишаниот рок не ја усогласиле содржината на пијалокот со декларацијата, јавуваат од министерството, пренесува Побједа.
Привремената забрана за увоз се однесува на српските произведувачи на сокови Вино Жупа Александровац и Таково Горњи Милановац, Вита Витаминка од БиХ и Либерион од Подујево, Косово, изјави министерот Петар Ивановиќ во саботата.
“Испративме предупредување на овие произведувачи да ги усогласат информациите на пакувањето со содржината и им дадовме рок од 15 дена. Исто така најавивме дека доколку не го сторат тоа, ќе донесеме одлука за привремено стопирање на увозот”, наведува Ивановиќ.
Анализата на соковите на овие произведувачи покажала значително помала количина овошје во соковите од онаа што е назначена на декалрацијата. Министерот додаде дека се контролирани сокови и од други земји. Соковите на компаниите Next, Нектар, Rauch од Србија, како и Фруктал од Словенија биле исправни.