Кина заштедува милијарди долари за увоз на нафта

Кина заштеди речиси 10 милијарди долари оваа година со купување на рекордни количества нафта од земјите под санкции од Западот, според пресметките врз основа на податоците од трговците и бродските компании.

Несакана последица на санкциите наметнати од САД и другите западни земји кон Русија, Иран и Венецуела беше намалувањето на цената на увозот на нафта за рафинериите во Кина. Кина, која е најголемиот економски ривал на САД, често ги критикува ваквите „еднострани“ мерки, пренесува Ројтерс.

Анализата на кинеската заштеда од купување нафта од три санкционирани земји, на една британска новинска агенција, споредува што би платиле кинеските увозници за нафта со купување од несанкционирани производители.

Увозот со пониски цени дојде добро, зголемувајќи го протокот и маржите за вториот по големина потрошувач на нафта во светот и неговите рафинери, особено за малите независни оператори, и овозможувајќи профитабилен извоз од државните рафинерии на дизел и бензин.

Кинеските купувања се исто така спас за Москва, Техеран и Каракас, чии економии се притиснати од западните санкции и падот на инвестициите. Кина увезла рекордни 2,76 милиони барели на ден сурова нафта по морски пат од Иран, Русија и Венецуела во првите девет месеци од 2023 година, според компаниите за мониторинг на бродовите Вортекс и Кплер.

Според анализата, овие три земји сочинувале околу една четвртина од увозот на нафта во Кина од јануари до септември оваа година, од околу 21 отсто во 2022 година и 12 отсто во 2020 година. Иако заштедите се само дел од кинеските трошоци за увоз на нафта, тие се значајни, за независните рафинери, кои се „опортунистички купувачи и активно бараат подобри понуди“, велат аналитичарите.