Цените на нафтата во пад

На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката на валути значително се зголеми, бидејќи инвеститорите поради наглиот пад на берзата бараат засолниште во инвестиции кои се сметаат за побезбедни во неизвесно време. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 106,58 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 105,20 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 149,85 на 150,25 јени, блиску до највисокото ниво во една година. Затоа јапонското Министерство за финансии ги предупреди инвеститорите внимателно да го следат движењето на девизниот курс. Ова на пазарот се гледа како најава за интервенција за запирање на натамошното слабеење на јенот.

И американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0565 долари, додека вчера во ова време беше 1,0595 долари.

Цените на нафтата, пак, загубија дел од вчерашните добивки. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се намали за 0,20 отсто, на 89,95 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,14 отсто, на 85,25 долари.