
Венецуела би можела да го зголеми производството на нафта за 25 отсто во однос на сегашното ниво, доколку привременото олеснување на санкциите од Соединетите Американски Држави стане трајно, пишува списанието „Неделја“ на Националниот нафтен комитет на Србија, повикувајќи се на агенцијата Блумберг.
Производството на нафта во Венецуела моментално е околу 800.000 барели дневно. Ублажените санкции и овозможуваат на јужноамериканската земја која има најголеми резерви на „црно злато“ во светот да го зголеми производството за 200.000 барели дневно, велат аналитичарите, а пишува Данас.
Лиценцата, која важи до 18 април 2024 година, дозволува производство, продажба и извоз на нафта или гас од Венецуела, како и плаќање на фактури за стоки или услуги поврзани со работењето на секторот за нафта или гас во таа земја.
Се дава овластување и за нови инвестиции во нафта или гас во Венецуела и за снабдување со нафта и гас на доверителите на владата на Венецуела.
Минатата недела Вашингтон одлучи делумно да ги ублажи санкциите за секторот нафта, гас и злато во Венецуела по продолжувањето на преговорите меѓу владата и опозицијата во Барбадос.
Одлуката на американската администрација дојде како одговор на политичкиот договор потпишан меѓу претставниците на владата на Николас Мадуро и опозицијата поддржана од САД за одржување избори следната година.
Пазарот веднаш реагираше со пад на цената на нафтата бидејќи укинувањето на санкциите за извозот на „црното злато“ од Венецуела ги намали стравувањата од недоволна понуда. Соединетите Американски Држави издадоа шестмесечна лиценца со која привремено се одобруваат трансакции кои го вклучуваат секторот за нафта и гас во Венецуела.











