Саудијците сакаат да извлечат литиум од морската вода

Саудиската рударска компанија Ma’aden објави дека работи на екстракција на литиум од морската вода за да обезбеди клучна суровина за идната саудиска индустрија за електрични автомобили на долг рок.
– Работиме на иницијатива за екстракција на литиум од морската вода, како и на некои други проекти; ништо големо, би рекол, во моментов сè уште сме во пилот фаза – изјави за Ројтерс извршниот директор на Ma’aden, Роберт Вилт.

Литиумот е клучен минерал кој се користи во батериите за електрични автомобили, лаптопи и мобилни телефони.

Мааден е 67 отсто во сопственост на Саудискиот државен стабилизациски фонд со кој неодамна ја основа Манара Минералс за да инвестира во рударски средства во странство, пренесува Хина.

– Го намаливме ризикот од нашето портфолио со проширување на истражувањето и работа надвор од (саудиското) кралство за да се увериме дека ќе бидеме отпорни на геополитички настани – рече Вилт.

Според него, Ma’aden се обидува да се држи настрана од конфликтот и „да го направи она што е најдобро за саудиското кралство“.

Саудиска Арабија развива автомобилска индустрија на која и се потребни материјали за батерии за електрични возила, нагласи Вилт, додавајќи дека сепак Ma’aden „веројатно“ ќе ги обезбеди за фабриките во изградба, па затоа ќе мора да ги набавува во странство.

Тој исто така нагласува дека приоритет за Саудиска Арабија е купувањето на челик и железна руда од странски добавувачи, поради забрзаното темпо на реализација на амбициозните мега проекти.

– Погледнете низ прозорецот, гледате кранови, гига проекти, апетитот за челик е огромен – изјави Вилт.

Мааден, исто така, планира да го удвои производството на фосфати и злато во своите рудници, додаде тој.

– Во завршна фаза сме на пуштање во употреба на најголемиот рудник за злато во саудиското кралство Мансурах-Масара, што речиси ќе го удвои нашето производство – наведува тој.