
За сите оние кои бараат електричен автомобил со помали димензии кој ќе биде идеален за градско возење и придвижуван од електричен мотор, а за кои цената е од големо значење, идеалното решение пристигнува од Кина. Минатата недела Chery New Energy претстави две нови верзии на нивниот мини EV модел Little Ant. Досега веќе претставија неколку модели на е-автомобили, а сега на (кинескиот) пазар доаѓа верзијата New Edition на постоечкиот Little Ant mini EV.
Станува збор за модел со компактни димензии кој повторно е доволно простран за 4 лица, идеален за градско возење и гужви на патишта и паркинзи.
Автомобилот е достапен во стандардна верзија која има неколку различни конфигурации, во зависност од моќноста на моторот и батеријата, со автономија од 251 км до 301 км и во врвна верзија со батерија која овозможува опсег од повеќе од 400 км. За градско возење е повеќе од доволно. Сите верзии поддржуваат брзо полнење, а 40 минути полнење е доволно за полнење на батеријата до 80 проценти. Максималната брзина е 100 km/h.
Внатрешноста е прилично минималистичка. Доминираат белата, светло сината и црната боја, како и централниот контролен екран со дијагонала од 10,1 инчи.
Што се однесува до цената, претворена во евра, таа изнесува од 9.900 до 10.500 евра. Звучи одлично, но проблемот е што барем засега, Little Ant mini EV New Edition ќе биде резервиран само за кинескиот пазар. Доколку ваквите автомобили беа достапни на европскиот пазар, нема сомнеж дека би биле доста популарни, бидејќи европските електрични автомобили, кога станува збор за цената, не можат да се споредат со многу поевтините кинески.
Фото: Chery











