На азиските берзи денеска цените на акциите пораснаа четврти ден по ред бидејќи инвеститорите сметаат дека циклусот на покачување на каматите е завршен и дека циклусот на намалување на цените на парите ќе започне во првата половина на следната година. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, порасна за 1,7 отсто до 6:30 часот, откако скокна за 2,8 отсто минатата недела и се повлече од едногодишното дно.
Утрово јапонскиот индекс Никеи порасна за 2,4 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Хонг Конг и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,4 и 4,2 отсто. Најмногу утрово пораснаа цените на акциите во Јужна Кореја, благодарение на одлуката на властите да забранат кратка продажба до крајот на јуни следната година. Тоа треба да го стабилизира пазарот.
Добро расположение има и на другите берзи бидејќи инвеститорите сметаат дека циклусот на покачување на каматите во западните земји е завршен. Сепак, се очекува австралиската централна банка уште еднаш да ги зголеми каматните стапки оваа недела поради сѐ уште високата инфлација, но се верува дека најголемите светски централни банки завршија со затегнување на монетарната политика бидејќи инфлаторните притисоци постепено се намалуваат.
Затоа, сега на пазарот се шпекулира кога централните банки ќе го започнат циклусот на намалување на каматите. Така, пазарот на пари проценува дека е 90 отсто сигурно дека американската ФЕД завршила со зголемувањето на каматните стапки и дека има 86 отсто шанси првото намалување на каматните стапки да следи веќе во јуни следната година.
Се проценува дека Европската централна банка (ЕЦБ) би можела да почне со намалување на каматните стапки веќе во април, а британската во август следната година. Сепак, тоа ќе зависи од понатамошниот развој на инфлацијата и економијата, а за тоа ќе разговараат голем број лидери на ФЕД оваа недела, вклучувајќи го и претседателот на централната банка Џером Пауел.
Исто така, најавени се јавни настапи на повеќе функционери на ЕЦБ и британската централна банка (БОЕ). Повеќе од една година, движењата на пазарот најмногу зависеа од шпекулациите за тоа кога централните банки ќе го завршат циклусот на зголемување на каматните стапки и на кое ниво на камати ќе заврши тој циклус.
Во иднина, пак, најмногу ќе се шпекулира на кои нивоа и во кој период ќе се намалуваат каматите.
И на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката валути стагнира, откако минатата недела падна за 1,4 отсто. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 105,07 поени, како и во петокот при затворањето на пазарот. Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од 149,35 на 149,55 јени.
Американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0725 долари, додека во петокот вечерта беше 1,0730 долари. Цените на нафтата, пак, пораснаа, откако минатата недела потонаа за околу 6 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава зајакна за 0,44 отсто, на 85,25 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,57 отсто, на 80,95 долари.