Toyota Yaris Cross добива помоќен хибрид и свеж ентериер за 2024 година

125

Освежениот Toyota Yaris Cross покрај новата хибридна опција, се одликува и со потивко возење благодарение на подобрената изолација

Toyota објави серија надградби за Yaris Cross во Европа, по фејслифтот на механички поврзаниот Yaris. Субкомпактниот кросовер сега е достапен со помоќен хибриден погон, додека исто така добива повеќе технологија во кабината, подобра изолација и подобрена безбедносна опрема.

Почнувајќи со новата погонска опција, Hybrid 130 го спојува атмосферскиот 1,5-литарски мотор со помоќен електричен мотор, што дава комбинирана моќност од 132 КС и 185 Nm вртежен момент. Зголемувањето на моќноста го подобрува забрзувањето од место до „стотка“ кое сега се достигнува за 10,7 секунди (подобрување за 0,4 секунди). Во исто време, кросоверот од Б-сегментот ја задржува својата водечка позиција во сегментот во однос на емисиите на CO2, во просек помеѓу 103 и 122 g/km.

Помалку моќната опција Hybrid 115 останува достапна со 116 КС и 141 Nm вртежен момент. Toyota тврди дека хибридната технологија за самополнење е „број еден одлучувачки фактор“ за купувачите на Yaris Cross, поради што во понудата нема да има чистокрвни верзии на B-SUV моделот со внатрешно согорување во Европа.

Однадвор, освежениот модел го задржува изгледот на својот претходник, со додавање на нова опција за боја Juniper Blue во палетата. Највисокото ниво на опременост на Premiere Edition се издвојува со својата ексклузивна Urban Khaki нијанса, надополнета со соодветни внатрешни акценти и свеж сет од 18-инчни алуминиумски тркала. И верзиите Premiere Edition и GR Sport го користат подобрениот хибриден погон, при што вториот има поспортско поставување на шасијата благодарение на Gazoo Racing.

Освежен ентериер и подобрена технологија

Во внатрешноста, карактеристиката што се истакнува е надградената технологија која го усогласува со конкурентите. Во зависност од нивото на опременост, има избор помеѓу 7-инчен или 12,3-инчен дигитален инструмент кластер, надополнет со 9-инчен или 10,4-инчен инфозабавен екран на допир. Мултимедијалниот систем Toyota Smart Connect доби подобрувања, кои сега поддржуваат надградби преку воздух и безжично поврзување со Android Auto и Apple CarPlay.

Инженерите на Toyota дадоа приоритет на минимизирање на бучавата и вибрациите за да го подобрат целокупниот комфор на патниците на Yaris Cross. Конкретно, тие додадоа динамичен амортизер на левата страна на држачот на моторот, резонатор на доводното црево, трослојна изолација поставена зад контролната табла и дополнителен слој од филц на горниот придушувач на хаубата. Покрај ова, употребени се подебело стакло за шофершајбната и страничните прозорци за дополнително да се ублажат несаканите звуци и вибрации.

На крајот, безбедносниот комплет Toyota T-Mate кој е стандарден во серијата Yaris Cross, исто така, е освежен со нови и подобрени функции. Хардверот е надграден со нова камера и радарско скенирање со поголем домет од порано. Новите додатоци во пакетот системи за помош вклучуваат систем пред судир, спречување на забрзување, проактивна помош при возење, помош за безбедно излегување и систем за потсетување на задните седишта, додека приспособливиот темпомат е побрз од претходно.

Продажбата на одредени европски пазари ќе започне со онлајн резервации до крајот на овој месец, а детални информации околу цените ќе бидат обелоденети како што ќе се наближува лансирањето на пазарот.

Преземено од Avtoplus.mk