Цените на нафтата паднаа, во фокус ОПЕК+

Цените на нафтата паднаа под 81 долар на меѓународните пазари во четвртокот, бидејќи трговците го толкуваа одложувањето на состанокот на најголемите производители како сигнал дека можеби нема дополнително да ја намалат понудата следната година, и покрај послабата побарувачка.
На лондонскиот пазар цената на барелот  утрово изнесува 81,34 долари. На американскиот пазар барелот се тргува по цена од 76,40 долари.

Трговците во средата ги вознемири четиридневното одложување на состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините производители на кој треба да се разговара за производствената политика. Според новиот план групата треба да се состане на 30 ноември.

Производителите сè уште дебатираат за снабдување, велат извори од ОПЕК +, сугерирајќи дека три африкански земји се во коренот на несогласувањето.

Аналитичарите тврдат дека Ангола, Конго и Нигерија бараат поголема производствена квота во 2024 година отколку што беше договорено на состанокот на групата во јуни.

Ангола и Конго досега имаат произведено помалку од планираното за 2024 година. Според некои проценки, Нигерија успеа малку да го зголеми производството, поблиску до планираното ниво или дури малку над него, благодарение на подобрената безбедносна ситуација во делтата на Нигер.

„(Групата) можеби ќе може да ја убеди Нигерија да прифати заеднички став бидејќи (нигериското) раководство го цени долгогодишното членство во ОПЕК и подобрувањето на врските со Саудиска Арабија“, рече Хелима Крофт од RBC Capital Markets.

„Несогласувањата со Ангола можеби ќе биде потешко да се решат бидејќи таа е покаприциозен член на групата, уште од приклучувањето во 2007 година“, додаде Крофт.

Досега групата ефикасно ги решаваше внатрешните несогласувања, но последната епизода покажува дека ОПЕК + има многу тешка задача, вели Тамас Варга од брокерската куќа ПВМ.

Аналитичарите сметаат дека поради намалената побарувачка во САД и Кина и слабиот економски раст во Европа, групата треба да го продолжи договорот за намалена понуда до следната година и да ослободи уште помалку барели на пазарот.

Дискусиите во ОПЕК + следеа за скокот на резервите на нафта во САД минатата недела, за дури 8,7 милиони барели, според податоците на Министерството за енергетика. Аналитичарите предвидуваа многу поскромен раст.