Пад на Волстрит поради остриот пад на цената на нафтата

На Волстрит вчера паднаа берзанските индекси, што најмногу е последица на притисокот врз енергетскиот сектор поради наглиот пад на цената на нафтата, но и падот на цените на акциите на неколку технолошки гиганти.

Dow Jones загуби 0,19 отсто, на 36.054 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,39 отсто, на 4.549 поени, а индексот Nasdaq загуби 0,58 отсто, на 14.146 поени.

Цените на нафтата потонаа поради слабата побарувачка
Вчера најмногу падна индексот S&P на енергетскиот сектор, 1,6 отсто, бидејќи цената на нафтата потона за 4 отсто, по податоците дека залихите на бензин во САД минатата недела значително се зголемија.

Тоа укажува на слабост на потрошувачката, односно на слабеење на побарувачката на „црното злато“ што може да предизвика дополнителен пад на цените. S&P индексот на информацискиот сектор падна, пак, за 0,9 отсто, што е последица на падот на цените на акциите на технолошките гиганти, како Nvidia, Microsoft и Amazon.

„Заладување“ на пазарот на труд во САД
Агенцијата за вработување АДП вчера извести дека во ноември во американскиот приватен сектор се отворени 103 илјади нови работни места, помалку од очекуваните 130 илјади. Со тоа се потврдува тезата за „заладување“ на пазарот на трудот, што треба да доведе до побавен раст на платите и потрошувачката, а со тоа и до дополнително ублажување на инфлацијата.

Тој извештај ги поддржува проценките дека американската централна банка го завршила циклусот на затегнување на монетарната политика, па речиси никој не очекува челниците на ФЕД да ги зголемат каматните стапки на состанокот следната недела.