Европските инвеститори претпазливи, индексите стагнираат

На европските берзи во петок наутро претпазливо се тргува бидејќи нема вести за стимулирање на пазарите во пресрет на божиќните празници, а инвеститорите не беа инспирирани ниту од вчерашниот раст на Волстрит.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,1 отсто во 9:30 часот, слабеејќи втор ден по ред.

Утринава лондонскиот FTSE индекс загуби 0,11 отсто, на 7.686 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,06 отсто, на 16.667 поени, а париски CAC 0,02 отсто, на 7.570 поени.

Цените на акциите паднаа и на повеќето азиски берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше во минус од 0,3 отсто околу 9:30 часот, така што е на пат за неделна загуба од околу 0,6 отсто.

Индексот Никеи скромно порасна на Токиската берза за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија, Шангај и Хонг Конг се лизнаа меѓу 0,1 и 1,7 отсто.

Падот на цените на акциите на кинеските берзи е резултат на новите правила насочени кон ограничување на онлајн видео игрите и прекумерното трошење на нив.