
На Волстрит, Dow Jones и S&P 500 благо паднаа во вторникот, по завчерашните добивки, додека инвеститорите ги очекуваа новите извештаи за инфлацијата во САД, што може да влијае на очекувањата за каматните стапки.
Dow Jones загуби 0,42 отсто, на 37.525 поени, а S&P 500 загуби 0,15 отсто, на 4.756 поени. Индексот Nasdaq зајакна, пак, за 0,09 отсто, на 14.857 поени.
По силните добивки во понеделникот, Dow Jones и S&P 500 индексот вчера благо паднаа бидејќи инвеститорите беа внимателни пред извештајот кој ќе покаже како се одвивала американската инфлација во декември.
Извештај за потрошувачките цени
Извештајот за потрошувачките цени ќе биде објавен во четврток, а за цените на производителите во петок. Тие извештаи би можеле да имаат значително влијание врз очекувањата во однос на каматните стапки на американската централна банка.
Инвеститорите до неодамна се надеваа на агресивно намалување на каматните стапки од страна на ФЕД, почнувајќи од март, но по објавувањето на записникот од минатогодишната седница на ФЕД, ваквите шпекулации стивнаа.











