Австриската Uniqa Insurance Group потпиша договор за преземање на фирми ќерки на швајцарската Baloise Group во Хрватска и Србија. Договорот е потпишан вчера, а преземањето треба да биде одобрено од надлежните институции. Се очекува целокупната трансакција да биде завршена во првиот квартал од 2014 година. Вкупната цена на трансакцијата е 75 милиони евра, јавува Блумберг.
Baloise во Хрватска и Србија е присутна преку Basler, односно преку Basler осирурување Загреб и Basler осигурување. Во Хрватска, Basler има 148.000 клиенти и во 2012 година оствари премија од 53,7 милиони евра. Basler во Србија има 35.000 клиенти и пазарен удел од 0,7%. Во 2012 година оствари премија од 3,7 милиони евра.
Аквизицијата на компаниите на Basler ќе ја подобри позицијата на Uniqa на пазарот, особено во Хрватска, каде Basler има пазарен удел од 4,5%, велат од австриската компанија.
Uniqa, која на пазарот во Австрија и Источна Европа се натпреварува со ривалот Vienna Insurance Group, планира двојно да го зголеми бројот на своите клиенти до 2020 година преку проширување на исток. Извршниот директор на Uniqa, Андреас Брандштетер, претходно изјави дека компанијата има на располагање една милијарда долари капитал за купување на средни компании во било која од 15-те земји на источноевропскиот пазар.