ЕЦБ до јуни ќе може да ја процени ситуацијата за промена на каматните стапки

Европската централна банка (ЕЦБ) ќе ги добие клучните податоци до јуни за одлука за првото од можните серии на намалување на каматните стапки во еврозоната, изјави главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн во интервју за италијански весник.
Од јули 2022 година до октомври 2023 година, ЕЦБ ги зголеми каматните стапки за 4,5 процентни поени со цел да ја спречи инфлацијата преку ограничување на потрошувачката. Во октомври и декември минатата година тие ги задржаа каматните стапки на сегашното ниво, оценувајќи дека инфлацијата на подолг временски период се намалува кон целта од два отсто.

Минатата недела, претседателот на ЕЦБ, Луис де Гуиндос, рече дека еврозоната можеби влегла во рецесија во последниот квартал од 2023 година и дека изгледите за раст остануваат слаби.

– Слабите показатели укажуваат на пад на економската активност и во декември, потврдувајќи ја можноста за техничка рецесија во втората половина на 2023 година и слаба краткорочна перспектива, изјави Де Гуиндос пред една недела во Мадрид.

Во интервју за италијанскиот дневен весник Il Corriere della Sera, објавено во саботата, главниот економист на ЕЦБ Лејн отворено ја спомна можноста за повеќекратно намалување на каматните стапки.

Тој, сепак, нагласи дека клучните податоци за платите ќе бидат целосно достапни дури пред состанокот на ЕЦБ закажан за 6 јуни.

– Овие важни податоци ќе ги добиеме до нашата седница во јуни, изјави ирскиот економист за италијанскиот дневен весник.

– Но, би нагласил дека ќе следиме и други податоци од недела во недела, додаде Лејн.

Минатиот септември, ЕЦБ ги зголеми каматните стапки делумно за да ја „обезбеди“ еврозоната од враќање на инфлацијата, посочи Лејн, и тоа ќе го земе предвид кога ќе дојде време за олеснување на монетарната политика.