Европските берзи трет ден се во минус по пораките на челниците на ЕЦБ

На европските берзи утрово цените на акциите паднаа, трет ден по ред, бидејќи стивнуваат очекувањата дека Европската централна банка агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 1,2 отсто во 9:30 часот, спуштајќи се на најниското ниво за повеќе од еден месец.

Истовремено, лондонскиот FTSE индекс се лизна за 1,32 отсто, на 7.458 поени, додека франкфуртски DAX падна за 0,91 отсто, на 16.420 поени, а париски CAC 1,11 отсто, на 7.316 поени.

Индексот падна трет ден по ред по пораките на голем број претставници на Европската централна банка
Падот на индексот трет ден по ред е резултат на пораките на голем број функционери на Европската централна банка дека сè уште е рано за намалување на каматните стапки, па шпекулациите дека ЕЦБ би можела да почне да ја намалува цената на парите уште во март ослабеа.

На почетокот на неделата се очекуваше банката да почне со намалување на каматите веќе во март, но сега се очекува тоа да биде во април.

И на азиските берзи утринава паднаа цените на акциите. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше намален за 1,8 отсто околу 9:30 часот и се лизна на ново најниско ниво од средината на декември.

Истовремено, на токиската берза индексот Никеи ослабе за 0,4 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Јужна Кореја и Хонг Конг паднаа меѓу 0,3 и 3,7 отсто.

Инвеститорите беа разочарани од низата послаби од очекуваните макроекономски показатели од Кина.

Во последниот квартал од минатата година, тамошната економија порасна за 5,2 отсто на годишна основа, повеќе од претходниот квартал, но нешто помалку од очекуваното.