Во Индустриската зона Жабени вчера беше поставен камен темелник на новата фабрика на грчкиот инвеститор Костас Ницопулос.
Се работи за инвестиција вредна еден милион евра, чија изградба се очекува да биде завршена за еден месец. Во првата фаза, во фабриката е планирано да се вработат околу 20 работници.
“Фабриката ќе биде за ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци. Првата фабрика ќе биде околу 400 метри квадратни, а понатаму планираме проширување за околу 2.500 квадрати. На почеток ќе имаме 10 – 20 вработени, а со проширувањето и повеќе. Ќе работиме за пазарот во Грција и Македонија. Во Битола се одлучивме да инвестираме затоа што има добри луѓе и многу добри услови”, изјави Костас Ницопулос, инвеститор.
Во изминатиот период во ИЗ Жабени вкупно 28 инвеститори од земјата и странство купија парцели, а издадени се осум одобренија за градба. Наскоро се очекува во зоната да започне изградба и на трета фабрика.
“Денеска, на наша голема радост, фирмата на Коста – Виндор се проширува во Индустриската зона Жабени. Тој ги знае поволностите на Владата на Република Македонија, поволностите и условите на општина Битола и Коста денеска започнува со градба. Му честитам на Коста и му посакувам успешна работа, како и да вработи голем број наши граѓани. Идниов период, до нова година очекувам да започне изградбата на уште една фабрика, така што циклусот на инвеститори кои што ги имаме во ИЗ Жабени продолжува”, изјави градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.