Волстрит падна поради зголемената инфлација во САД

На Волстрит цените на акциите нагло паднаа бидејќи надежите на инвеститорите дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки во мај избледеа по податоците за неочекуван пораст на инфлацијата во САД.

Dow Jones загуби 1,36 отсто, на 38.275 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,37 отсто, на 4.953 поени, а индексот Nasdaq се намали за 1,79 отсто, на 15.659 поени.

Цените ги надминуваат очекувањата
Остриот пад на индексот е последица на тоа што во јануари потрошувачките цени се зголемија за 0,3 отсто на месечно и за 3,1 отсто на годишно ниво, повеќе од очекувањата на аналитичарите.

Во последните месеци цените на акциите силно пораснаа бидејќи пазарот процени дека инфлацијата ќе ослаби и дека како резултат на тоа ФЕД ќе почне да ги намалува каматните стапки веќе во март.

Сепак, имајќи предвид дека инфлацијата се уште се движи далеку над целното ниво на ФЕД од 2 отсто, на пазарот веќе не се ни споменува мартовскиот пад, а по вчерашниот извештај за потрошувачките цени, надежите за намалување на каматните стапки во мај исчезнаа.

На пазарот на пари сега се проценува дека изгледите за намалување на каматните стапки на ФЕД во мај се околу 36 отсто, додека пред вчерашниот извештај изгледите беа околу 58 отсто.