
Европската унија отвори Канцеларијата за вештачка интелигенција, која ќе се занимава со следење на примената на законите за вештачка интелигенција, идентификување на потенцијалните ризици и прекршување на правилата и охрабрување на употребата на доверлива вештачка интелигенција.
„Европската канцеларија за вештачка интелигенција ќе биде центар на експертиза во областа на вештачката интелигенција низ ЕУ. Ќе игра клучна улога во спроведувањето на законот за вештачка интелигенција, особено за вештачка интелигенција за општа намена, ќе го поттикне развојот и користењето на веродостојна вештачка интелигенција и меѓународна соработка“, соопшти Европската комисија.
Канцеларијата, исто така, ќе работи на унапредување на мерките и политиките за искористување на социјалните и економските придобивки од вештачката интелигенција низ ЕУ, ќе дава совети за најдобрите практики и ќе поттикнува иновативни екосистеми овозможени со вештачка интелигенција за да се зголеми конкурентноста на ЕУ и економскиот раст.
Како што соопшти ЕК, Канцеларијата е формирана во рамките на Европската комисија и претставува „темел на единствен европски систем за управување со вештачка интелигенција“. Ќе соработува со земјите-членки и пошироката професионална заедница и ќе обезбеди стратешки, кохерентен и ефективен европски пристап кон вештачката интелигенција на меѓународно ниво и се очекува да стане глобална референтна точка.











