
Грција постави нов туристички рекорд минатата година и покрај продолжениот топлотен бран и неколкуте разорни шумски пожари кои принудија илјадници луѓе да се евакуираат, објави Централната банка на земјата.
Според првите проценки, повеќе од 32,7 милиони луѓе ја посетиле Грција во 2023 година.
Претходниот рекорд беше од 2019 година, пред коронавирусот, кога 31,3 милиони туристи ја посетија земјата во Југоисточна Европа, објави француската новинска агенција АФП.
Минатата година беше и рекордна по приходи, поточно со 20,5 милијарди евра тие беа за 2 милијарди повеќе од 2019 година.
Споредено со 2022 година, бројот на туристи од земјите на ЕУ лани е зголемен за 15,6 отсто, а на туристи од земји кои не се членки на ЕУ за 20,8 отсто, покажуваат податоците на централната банка која треба да ги објави конечните податоци во април.
Минатата година Грција се соочи со бројни неповолни временски услови. Така, летните температури во некои области надминаа 46 степени Целзиусови, а шумските пожари однесоа повеќе од 20 животи.
Во јули десетици илјади посетители мораа да бидат евакуирани од островите Родос и Крф поради пожар. Еден месец подоцна, пожарите го опустошија националниот парк Дадија во близина на границата со Турција, а во септември силни поплави ја погодија централна Грција.











