Салонот за автомобили во Женева повторно ги отвори вратите

По речиси петгодишна пауза предизвикана од проблемите во индустријата за време на пандемијата „Ковид-19“, Меѓународниот автомобилски саем во Женева повторно ги отвори вратите.
Од европските производители на автомобили кои се присутни на саемот, присутен е само Рено којшто ја доби и наградата за автомобил на годината за неговото електрично возило Scenic.

Францускиот производител на возила тесно го победи седанот од серијата 5 на BMW во битката за ласкавата титула доделена од жири составено од 58 европски автомобилски новинари, пренесе СееБиз.

Renault е и единствениот европски производител на автомобили присутен на овогодинешната изложба, бидејќи автомобилските гиганти Volkswagen и Stellantis, под чие покровителство се и брендовите Peugeot и Fiat, одлучија да не учествуваат на саемот.

Од друга страна, на саемот за автомобили се присутни голем број кинески производители на автомобили, кои се обидуваат да им земат најголеми можни пазарни удели на своите европски конкуренти.

„Нивното силно присуство покажува дека се заинтересирани за европскиот пазар и нашите клиенти“, изјави извршниот директор на Рено, Лука де Мео, за Ројтерс.

Саемот за автомобили во Женева, кој се смета за единствен голем настан од ваков вид во Европа, последен пат се одржа во 2019 година, но оттогаш организаторите мораа да го откажуваат неколку пати поради последиците од епидемијата на Ковид-19.