Пад на продажбата на Volvo автомобили во февруари

Продажбата на автомобили на Volvo падна за два отсто во февруари во однос на претходната година на 50.315 автомобили, соопшти во вторникот шведската компанија, наведувајќи го лунарниот новогодишен празник во Кина како главна причина за падот.

Акциите на компанијата Volvo Cars, во мнозинска сопственост на кинескиот холдинг Geely, во вторникот паднаа за 3,5 отсто. Во соопштението, компанијата вели дека продажбата на целосно електрични автомобили се зголемила за 14 отсто и претставувала 22 отсто од вкупната глобална продажба во февруари, пренесува Ројтерс.

Компанијата во јануари соопшти дека останува уверена во „огромен раст“ на пазарот на електрични возила. Електричните возила се очекува да сочинуваат половина од обемот на продажба на компанијата до средината на деценијата, а од 2030 година ќе продава само електрични возила.

Продажбата на Volvo во Кина е намалена за 39 отсто во февруари во споредба со истиот месец минатата година. Продажбата во Европа е зголемена за 26 отсто, а продажбата на целосно електрични автомобили е зголемена за 31 отсто. Продажбата во САД падна за седум отсто.