
Германскиот бруто домашен производ (БДП) годинава ќе порасне за 0,2 отсто, објави минхенскиот институт за економски истражувања Ifo.
Тоа е за 0,5 процентни поени помалку од нивната прогноза во јануари и 0,7 процентни поени помалку од декември. Институтот ја зголеми прогнозата за раст за следната година за 0,2 процентни поени на 1,5 отсто.
„Воздржаноста на потрошувачите, високите каматни стапки и растот на цените, владините мерки за штедење и слабата глобална економија во моментов ја кочат економијата во Германија и водат кон нова зимска рецесија“, проценува Тимо Волмершаузер, шеф на прогнозата во Ifo.
Како што е резимирано во соопштението на Институтот, економската активност ќе забрза кон средината на годината, кога товарот на каматните стапки и цените постепено ќе исчезнува, а куповната моќ на потрошувачите ќе се зголемува.
Инфлацијата во Германија годинава ќе биде 2,3 отсто, откако лани беше 5,9 отсто. Следната година ќе се намали на 1,6 отсто, најавуваат од институтот.











