Двојно зголемен увозот на оружје во Европа

Европските земји речиси го удвоија увозот на оружје во периодот од 2019 до 2023 година во однос на периодот од 2014 до 2018 година, објави Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ).
Според извештаите, европскиот увоз на оружје се зголемил за 94 отсто меѓу 2019 и 2023 година во споредба со периодот од 2014 до 2018 година, а Украина стана најголемиот увозник на оружје во Европа по почетокот на војната во 2022 година, пренесува Ројтерс.

Украина беше четврти најголем увозник на оружје во светот од 2019 до 2023 година, откако најмалку 30 земји и доставија воена помош на Украина од февруари 2022 година.

САД го зголемија извозот на оружје за 17 отсто од 2019 до 2023 година во споредба со периодот од 2014 до 2018 година, додека рускиот извоз на оружје падна за 53 отсто во истиот период.

САД ја зголемија својата улога како глобален снабдувач на оружје и од 2019 до 2023 година извезоа повеќе оружје во повеќе земји од кога било досега, според СИПРИ.

Падот на рускиот извоз доведе до тоа Франција да стане втор најголем извозник на оружје во светот, зад САД, за прв пат од почетокот на евиденцијата во 1950 година, објави BizLife.