
Заработката на рударите на биткоин минатата недела достигна ново рекордно ниво, бидејќи цената на најтргуваната криптовалута продолжува да расте.
Дневниот приход на рударите достигна 78,6 милиони долари на 7 март, покажаа податоците од CryptoQuant, надминувајќи го врвот поставен во април 2021 година. Рударите на биткоин заработуваат пари во форма на нови токени кои им се доделуваат за валидација и додавање трансакции во блокчејн мрежата, како и од такси што им ги плаќаат корисниците, пишува Блумберг.
Зголемувањето на приходите на рударите доаѓа во услови на раст на биткоинот од 70 отсто досега оваа година. Токенот достигна рекордно високо ниво од речиси 72.881 долари во понеделникот, само за да се спушти на 72.668 долари во вторникот рано наутро.
По продолжениот пад поврзан со серија крипто скандали и банкротот на берзата FTX во 2022 година, цената на биткоинот почна да расте минатата година.











