Внимателно тргување на Волстрит

На Волстрит, S&P 500 се лизна од рекордното ниво, а падна и индексот Nasdaq, што најмногу е последица на ценовната корекција на акциите на производителот на чипови, по силниот раст во последните недели.

Dow Jones зајакна 0,10 отсто, на 39.043 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,19 отсто, на 5.165 поени, а индексот Nasdaq 0,54 отсто, на 16.177 поени.

Падот на S&P 500 и Nasdaq најмногу се должи на падот на цените на производителите на чипови, како што се Nvidia и Intel, бидејќи инвеститорите решија да повлечат дел од својот профит од пазарот, по силниот пораст на цените на тие акции во последните недели.

Вчера индексот на тој сектор падна за 2,5 отсто, но од почетокот на годината и натаму е во пораст за околу 17 отсто, благодарение на оптимизмот на инвеститорите во однос на развојот на вештачката интелигенција.

Инвеститорите се претпазливи
Инвеститорите се претпазливи бидејќи извештајот за цената на производителите во САД во февруари ќе биде објавен денеска.

Во вторникот, податоците за потрошувачките цени покажаа дека инфлацијата не се намалила во изминатите два месеци, што значи дека американската централна банка би можела да ги задржи каматните стапки на покачени нивоа подолго од очекуваното.

На пазарот сè уште преовладува ставот дека ФЕД може да започне со намалување на каматните стапки во јуни.

Но, доколку извештајот покаже дека цените на производителите пораснале повеќе од очекуваното, проценките за намалување на каматните стапки во јуни би спласнале, што може негативно да се одрази на пазарот.

И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,31 отсто, на 7.772 поени, а париски CAC се зголеми за 0,62 отсто, на 8.137 поени. Франкфуртскиот DAX ослабе, пак, за 0,02 отсто, на 17.961 поен.