
Градоначалникот на Венеција, Луиџи Брунјаро, ја спореди „храброста“ на неговата одлука да им наплати на посетителите да влезат во градот за еден ден, со храброста на легендарниот венецијански истражувач Марко Поло.
Брунјаро рече дека целта не е да се заработат пари за касата на Венеција, туку да се „одбрани“ градот лагуна, кој привлекува околу 40.000 посетители дневно, и да се направи попогоден за живеење.
Билетите може да се резервираат онлајн за периодот од 25 април до 14 јули, кога најмногу посетители доаѓаат во Венеција. Венецијанските власти сметаат дека 2024 година е експериментална фаза на иницијативата.
„Ние имаме должност да ги зачуваме големите историски центри на светот“, изјави Брунјаро пред новинарите во Рим.
Тој истакна дека низ историјата никој не ризикувал да проба такво нешто и дека ниту еден политичар нема да го направи тоа што ќе го направи.











