Италијанска полиција: Чанти „Армани“ произведени од експлоатирани кинески работници

Експлоатирани кинески работници во Италија, кои неовластени подизведувачи ги вработувале во фабрики низ Милано, правеле чанти и други артикли за модната куќа „Џорџо Армани“, соопшти италијанската полиција. Во тој случај, наводно биле игнорирани прописите за здравјето и безбедноста на работниците, како и правилата за регулирање на работното време, паузите и слободните денови, пренесе АП.

Италијанската компанија ги отфрли обвинувањата дека споменатите злоупотреби ги направила во соработка со компанијата „ГА Операции“ која произведува облека, додатоци и украси за домот за брендовите на групацијата „Џорџо Армани“. „Секогаш спроведувавме контролни и превентивни мерки со цел да ги минимизираме злоупотребите во синџирот на снабдување, а ГА Операции ќе соработува со највисока транспарентност со надлежните тела по ова прашање“, се вели во соопштението на Армани. Според полицијата, „ГА Операции“ ангажирала подизведувач, кој потоа ангажирал неовластени кинески подизведувачи, за да вработува работници надвор од процедурите, од кои некои илегално биле во Италија.

Полицијата објави и дека на кинескиот подизведувач му биле исплатени 93 евра за чантата која модната куќа ја продала за околу 1.800 евра.

Фото: facebook