Германскиот извоз во февруари со неочекувано остар пад

Германија во февруари забележа неочекувано голем пад на извозот, покажуваат денеска објавените податоци на германската статистичка служба Дестатис.
Тоа е последен во низата знаци на слабост во најголемата економија во еврозоната, пренесува француската новинска агенција АФП.

Во февруари германскиот извоз се намали за два отсто на 132,9 милијарди евра на месечно ниво, додека аналитичарите на Фактсет очекуваа пад од 0,25 отсто.

Статистичарите го припишуваат падот на извозот на падот на испораките за 3,9 отсто во земјите на ЕУ, додека пратките во Кина, клучниот надворешно трговски партнер на Германија, се намалени за 0,6 отсто. Сепак, германскиот извоз во САД се зголеми за 10,2 отсто.

Во меѓувреме, германскиот увоз во февруари порасна за 3,2 отсто на 111,5 милијарди евра во месечна споредба.

Така, германскиот надворешно трговски суфицит во февруари изнесуваше 21,4 милијарди евра, што е помалку од јануари.

Аналитичарите предвидуваа дека германската економија ќе закрепне оваа година, но се чини дека ова закрепнување ќе биде побавно од првично очекуваното.

Минатиот месец германската влада ја намали прогнозата за економски раст за оваа година на само 0,2 отсто.