
Левичарската влада на Шпанија одлучи да ја запре програмата за златни визи за инвеститорите во имот од трети земји за да ја олесни станбената криза
Целта е да се запре посредувањето со недвижнини, рече премиерот Педро Санчез во понеделникот во Севиља.
„Ќе ги преземеме неопходните мерки за да се осигураме дека домувањето е право, а не предмет на шпекулации.
Социјалистичкиот премиер рече дека владата ќе го финализира потребниот амандман на законот во вторник во Мадрид, но не откри кога мерката ќе стапи на сила.
Од 2013 година, програмата за златни визи им дозволува на граѓаните на земјите кои не се членки на Европската унија да добијат престој во Шпанија доколку купат недвижен имот во вредност од најмалку 500 илјади евра. Програмата се однесуваше и на финансиски инвестиции од најмалку еден милион евра во компании или два милиони во државни обврзници.
Слични програми беа лансирани и во други земји-членки на ЕУ за време на еврокризата, а насекаде беа критикувани затоа што се сметаат за причина за растот на цените на недвижностите и недостигот на прифатливи станови, пишува агенцијата dpa.
Санчез во понеделникот рече дека ситуацијата е особено тешка во градовите како Мадрид, Барселона, Малага и Валенсија, како и на Балеарските Острови.
Поради побарувачката од странците, речиси е невозможно локалните жители кои „таму живеат, работат и плаќаат даноци да најдат пристојно сместување“, рече премиерот.
Според официјалните податоци, Шпанија од 2013 година издаде повеќе од пет илјади златни визи, од кои две илјади се однесуваат на кинески државјани.











