Американската економија нагло забави, годишната стапка на раст во првиот квартал изнесува 1,6 отсто

Американската економија порасна во првиот квартал од оваа година со најбавно темпо во последните две години, додека личните и државните трошоци се забавија во услови на силен пораст на инфлацијата, објави Бирото за економски анализи.

Растот на американската економија нагло забави, што покажува дека високите каматни стапки ѝ тежат на економијата.

Бруто домашниот производ (БДП) порасна со годишна стапка од 1,6 отсто, што е под сите прогнози на економистите, според првичната проценка на владата.

Главниот двигател на економскиот раст – личната потрошувачка – порасна со побавна од очекуваната стапка од 2,5 отсто. Поширокиот трговски дефицит одзеде најмногу од растот на БДП од 2022 година, пренесува Блумберг.

Новите податоци покажуваат дека американскиот БДП пораснал за само 0,4 отсто во првиот квартал. Тоа е забавување од четвртиот квартал од 2023 година, кога реалниот БДП порасна со годишна стапка од 3,4 отсто (или за 0,85 отсто во кварталот).

Во споредба со четвртиот квартал, забавувањето на реалниот БДП во првиот квартал главно се одрази на забавувањето на потрошувачката, извозот и трошењето на државните и локалните власти, како и падот на трошоците на федералната влада.