Рецесијата во Грција следната година ќе биде полоша од тоа што се очекува, се наведува во нацрт буџетот претставен пред парламентот.
Земјата притисната од долгови ќе забележи поголем буџетски дефицит отколку што беше прогнозирано пред еден месец во претходниот нацрт буџет. Економските активности ќе се намалат за 4,5% во однос на претходно прогнозираните 3,8%. Новата проценка сепак покажува на слабо попуштање на рецесијата во однос на оваа година.
Владата следната година планира да заштеди скоро 9,4 милијарди евра во однос на претходно проектираните 7,8 милијарди и тоа со дополнително намалување на државните плати, пензии и бенефиции. Планот е 4,7 милијарди евра да се заштедат на пензии, 1,2 милијарди на платите на државните службеници, а 455 милиони евра на здравството.
Вкупните државни расходи за една година ќе бидат намалени за 33,9%.
Идната година од распродажбата на државниот имот, Грција би требало да собере 2,5 милијарди евра.