Њујорк највлијателниот град во светот, Скопје на 402 место

Њујорк е највлијателниот град во светот, според Global Cities Index, избор кој традиционално го спроведува независната економска консултантска фирма Oxford Economics.

Илјада градови беа рангирани благодарение на резултатите во пет категории (Економија, човечки капитал, квалитет на живот, животна средина и менаџмент), а зад Големото јаболко се најдоа Лондон и Сан Хозе.

Токио и Париз ја заокружија првата „петка“, додека пет американски градови се во највлијателната десетка, односно ги има и Сиетл, Лос Анџелес и Сан Франциско, кои се шести, седми и осми.

Загреб е зад Тирана (396) на не многу ласкавото 397 место, а од градовите од поранешна Југославија највисоко рангирана е Љубљана со 171. Подгорица е 390-та, Скопје се наоѓа на 402 место. Белград на 415-та, додека авторите на индексот го ставиле Сараево само на 477-та позиција.

Што се однесува до рангирањето по категории, во економијата доминираат градовите од САД, кои се на првите шест позиции, со Њујорк повторно на врвот, пред Лос Анџелес, Сан Хозе, Сиетл, Сан Франциско и Далас.

Во однос на човечкиот капитал, кој пак се состои од подкатегории како што се образовните достигнувања, бројот на универзитети и растот на населението, Лондон ја држи водечката позиција пред Токио и Ријад во Саудиска Арабија.

Квалитетот на животот е најдобар во Гренобл во Франција, Канбера во Австралија и Берн во Швајцарија, додека во категоријата животна средина титулата ја понесе градот Сува на Фиџи, а потоа Форталеза во Бразил и Сан Хуан во Порторико.

Интересно, кога станува збор за управувањето, првите три места ги држат градови од Нов Зеланд, а тоа се Окленд, Крајстчерч и Велингтон.