
На почетокот на годината кинеската групација Baoan, светски лидер во производството на материјали за литиум-јонски електроди, најави изградба на фабрика за катоди во Мароко, со инвестиција од 500 милиони долари. И не е единствената. Кинеските производители на батерии Hailiang и Shinzoom исто така најавија формирање на две посебни фабрики во индустриската зона Tanger Tech во северно Мароко, со инвестиција од 450 милиони долари. Покрај тоа, минатиот април мароканската влада му даде зелено светло на кинескиот производител на електрични батерии BTR New Material Group да изгради фабрика во близина на Тангер за производство на катоди, клучна компонента на батериите.
Друг кинески производител, CNGR Advanced Material, планира да изгради фабрика за катоди во Џорф Ласфар, околу 100 километри јужно од Казабланка, каде што владата одвои 283 хектари за индустријата за батерии и електрична енергија. За кинеските производители на електрични автомобили постепено станува сè потешко да влезат на големите западни пазари. По 100% тарифи што ги усвоија САД, наскоро и Европа ќе ги зголеми тарифите, иако поскромно (се шпекулира и до 27%). Во овој контекст, договорот за слободна трговија меѓу Мароко и Европската унија и територијалната близина играат важна улога.
Близината до Европа е клучна со оглед на тоа што стапувањето во сила на идниот европски данок на јаглерод на почетокот на 2026 година ги принудува кинеските инвеститори да таргетираат други пазари, како што е Мароко. Овој механизам ќе ги обврзе европските компании кои увезуваат енергија или производи кои ја загадуваат животната средина, главно суровини, но и преработени производи, да платат такса еднаква на нивото на јаглерод кој се испушта при производството. Се очекува дека на тој начин ЕУ ќе заработува вкупно повеќе од 14 милијарди евра годишно. Така, батерија произведена на пример во Индија или Кина би имала многу повисока крајна цена на европскиот пазар од онаа произведена од другата страна на Гибралтарскиот теснец, на прагот на Европската унија, пишува Ревијахак.
Од друга страна, Мароко, десеттиот светски производител на кобалт, има значителни предности за развојот на секторот за производство на батерии. Така, производителите имаат дел од суровините при рака, но и поради нивната близина го намалуваат својот јаглероден отпечаток во однос на европскиот данок за јаглерод. Се разбира, не можеме да ги игнорираме трошоците за работна сила, кои се многу пониски од вообичаените во Европа, дури и во споредба со источноевропските земји. Состојбата е таква што со плата на еден работник во Франција, во Тангер се вработени десет работници, додека на пример во фабриката Дачија во Романија, за плата на еден романски работник можете да ангажирате тројца работници во Мароко.











