
Кинескиот BYD, кој минатата година накратко ја престигна Тесла и стана најуспешен производител на електрични автомобили во светот, го претстави новиот модел „Seagull“ кој од следната година ќе се продава во Европа.
Според Блумберг, ова е протолкувано како нова закана за европската автомобилска индустрија бидејќи „Seagull“ ќе се продава по значително пониска цена од, на пример, возилата Фолксваген или Рено.
Цената на Seagull во Кина е само 10.000 евра и покрај некои специјални додатоци како безжичното полнење на мобилните телефони.
Експертите проценуваат дека оваа сума ќе се удвои за Европа поради царините и исполнувањето на локалните безбедносни барања, но сепак е за неколку илјади евра помалку од сумата што треба да се одвои за автомобили од европските производители.
Вреди да се спомене дека ова не е единствениот модел што кинеската компанија ќе го продава на Стариот континент. Мајкл Шу, генерален директор на BYD за Европа, најави дека на европските клиенти ќе им понуди полуксузно електрично возило чија цена ќе биде околу 25.000 евра.











