
Цената на бакарот на берзата би можела да се зголеми четирикратно во наредните неколку години на 40.000 долари по тон, имајќи во предвид дека сè поголемата побарувачка предизвикува намалување на глобалните залихи на овој метал, смета Пјер Андуранд, управител на хеџ фонд специјализиран за инвестирање во сировини.
Неговото уверување во раст на цените помогна на неговиот фонд Commodities Discretionary Enhanced, кој управува со 1,3 милијарди долари имот, да се опорави од 55 постоттната загуба минатата година, поради погрешното обложување на пад на цената на нафтата. Фондот оваа година порасна за 83% благодарение на широкиот спектар на сировини, пишува Financial Times.
Бакарот е клучен метал за енергетска транзиција. Неговата цена порасна од почетокот на годината скоро 20%, достигнувајќи рекордни 11.000 долари по тон. Андуранд, еден од најпознатите светски трговци со сировини смета дека цената ќе расте, бидејќи понудата се бори да одржи чекор со побарувачката.
„Ние се движиме кон удвојување на растот на побарувачката за бакар поради електрификацијата на светот, вклучувајќи електрични возила, соларни панели, ветерници, но и воена употреба и центри за податоци“, рече Андуранд за ФТ.
„Мислам дека би можеле да достигнеме 40.000 долари за тон во следните четири години. Не велам дека ќе остане таму; на крајот ќе добиеме одговор на понудата, но таа реакција на понудата ќе трае повеќе од пет години“, смета тој.
Андуранд, поранешен трговец на Голдман Сакс, кој беше коосновач на BlueGold Capital пред да го започне Andurand Capital, верува дека копањето подлабоко и побрзо во сегашните рудници нема да биде доволно за да се одржи чекор со растечката побарувачка. Индустријата проценува дека се потребни 15 години за да се развие нов рудник, пишува Пословни дневник.











