Падот на технолошкиот сектор го притисна Волстрит

79

На Волcтрит, акциите паднаа поради послаби од очекуваните проценки за продажбата на Salesforce и бидејќи инвеститорите останаа внимателни пред објавувањето на новите податоци за инфлацијата во САД.

Dow Jones загуби 0,86 отсто, на 38.111 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,60 отсто, на 5.235 поени, а индексот Nasdaq загуби 1,08 отсто, на 16.737 поени.

Целиот технолошки сектор е под притисок
Најголем губитник вчера беше Salesforce, чија цена падна за речиси 20 отсто, откако технолошкиот гигант објави послаби од очекуваните проценки за приходите и заработката за наредниот период.

Тоа изврши притисок врз целиот технолошки сектор, па цените на акциите во тој сектор вчера паднаа во просек за 2,5 отсто.

Пад е и секторот за комуникации, во просек за 1,1 отсто, додека сите други сектори на индексот S&P 500 пораснале.

Вчера беше објавена втора проценка, според која американскиот бруто домашен производ (БДП) порасна за 1,3 отсто на годишно ниво во првиот квартал, а не за 1,6 отсто, како што беше наведено во првата проценка.

„Би очекувале намалувањето на проценките за економски раст да ги поттикне цените на акциите бидејќи тоа значи дека ФЕД наскоро би можел да започне со намалување на каматните стапки поради побавниот раст. Но, овој пат немаше таква реакција на пазарот“, вели Марк Хакет, директор на Nationwide.

Инвеститорите се претпазливи бидејќи денеска ќе бидат објавени нови податоци кои ќе покажат како се движела инфлацијата во април. Аналитичарите проценуваат дека, според индексот на цените на производите за лична потрошувачка, тој на годишно ниво изнесува 2,7 отсто.